МРТ одлучи пејачот Васил Гарванлиев да остане македонски претставник на Евросонг 2021.
Комисијата за утврдување одговорност на 19 март одржала состанок по реакциите на јавноста предизвикани пред сè од видео-спотот на Гарванлиев. Притоа, е утврдено дека МРТ во целост ги испочитувала и интерните постапки и процедурите при апликацијата во ЕБУ.
Одлуката за избор на Гарванлиев за македонски претставник на Евросонг 2020 била по пат на интерна селекција, според моделот еден претставник/една песна, како резултат на препораките и сугестиите од дебатата организирана од МРТ, на која учествувале композитори, пејачи, новинари, автори итн.
Бил упатен Јавен повик до авторите од земјава и од странство, на кој од пристигнатите понуди се избрала песната со која Гарванлиев бил одреден за претставник на Евросонг 2020 во Ротердам. Поради прогласената пандемија од ковид-19, Евросонг 2020 беше откажан од страна на организаторот ЕБУ.
„По Програмскиот интерес за учество и оваа година, МРТ повторно аплицирала, избирајќи го истиот пејач за свој претставник на Евросонг 2021, по примерот на 24 земји-учеснички коишто исто така се определиле да ги испратат истите претставници. Заради континуитет во работата, истата работна група била задолжена да упати нов Јавен повик до авторите од земјата и од странство. Од пристигнатите песни, музички новинари од МРТ и самиот пејач се усогласиле дека песната „Here I stand” би била најсоодветен избор за композиција којашто ќе ја претставува МРТ на Евросонг 2021,“ се вели во соопштението.
Во јавноста имаше реакции, поради два кадри на спотот коишто беа протолкувани како спорни.

„Според извештајот на работната група, станува збор за поинаква перцепција, поради која уметничкото дело на Жанета Вангели коешто се наоѓало во тие два кадра, предизвикало асоцијација на знаме на туѓа држава. По реакциите од јавноста, спотот бил повлечен и преработен. Во врска со вториот контроверзен момент, изјавите на Гарванлиев дека имал двојно државјанство, работната група посочува дека станува збор за дел од интервју дадено пред повеќе од една година коешто сега добило публицитет. Согласно со правилата на ЕБУ – Јавниот сервис нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој Евросонг има такви случаи,“ објаснуваат од МРТ.
Оттаму додаваат дека евентуалното откажување од настап на Евросонг би предизвикало финансиски и други импликации по МРТ и драстично би го нарушило угледот и на Јавниот сервис и на државата во меѓународни рамки.
„Сепак, имајќи го предвид сево ова, а особено поларизираноста во нашето општество, Комисијата предлага за во иднина сериозно да се преиспита учеството на Јавниот сервис на меѓународни културни манифестации,“ стои во соопштението.
Во Бугарија му дадоа поддршка на Гарвалиев, додека од партијата на Красимир Каракачанов порачаа дека ако Македонија не го прати на Евросонг, идната година тие ќе му дадат шанса да пее за нивната земја. Гарванлиев објасни дека поседува и бугарско државјанство и дека неговата баба е по потекло од околината на градот Петрич. Тој се извини до јавноста ако повредил некого.