Околу 200 пензионери од Кратово, Крива Паланка, Куманово, Злетово и Пробиштип, покажаа дека животот во седмата и осмата деценија може да биде интересен и полн со уживање. Пренесува порталот Аберџија.
Членовите на петте пензионерски здруженија со несвојствена енергија за нивните години, цели два часа демонстрираа солидна физичка кондиција на регионалните спортски пензионерски игри, кои се одржаа во Кратово.

Пензионерите спортисти се натпреваруваа во 11 спортски дисциплини во поединечна и екипна конкуренција, како влечење јаже, скок од место, фрлање ѓуле, стрелање со воздушна пушка, шах, домино, табла, пикадо и други игри. И покрај физичките напори, пензионерите собраа сили да свртат оро во хотелот „Кратис“ како во своите најубави младешки години.
Присутните пензионери ги поздрави секретарот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкова. Таа им посака на пензионерите добро здравје и многу весели мигови во животот. На крајот беа поделени благодарници и признанија на сите учесници, а беа избрани и најдобрите кои ќе се претстават на републичките пензионерски спортски натпревари.
Извор: Аберџија