Француската продуцентска куќа „Acccord croises“ (Акорд кроази) ја продолжува традицијата да се грижи за песните на кралицата на ромската песна Есма Реџепова Теодосиевска, да ги пласира низ светот и да ги спаси од заборав. Тоа овој пат ќе го прави преку „Есмас бенд“, кој беше создаден неколку години пред нејзината смрт, во кој како вокал се појавува Елеонора Мустафова, која Есма ја школуваше и ја сметаше за единствена ќерка и Симеон Атанасовски, кој по смртта на Стево Теодосиевски, ги компонираше песните.
По светот бендот ќе се претставува под името „Esma’s next generation“, а пред неколку дена е потпишан и договор.
-Оваа продуцентска и издавачка кука досега се грижеше за кариерата на Есма низ светот. Сега сакаат преку нас да снимаме нови песни во нејзин стил и на настапи да ги пееме песните на Есма за да не се заборават. Веќе потпишавме договор и деновиве ја чекаме понудата од нив за концерти низ Европа, Америка и Австралија. Но, нема да настапуваме само со песните на Есма, туку и со наши нови За таа цел снимивме и едно цеде, кое секако дека ќе го издаде оваа куќа на кое ќе има 10 нумери, од кои три песни на македонски јазик, шест на ромски и една инструментална верзија. Оваа издавачка куќа исклучително ја почитуваше и се грижеше за песните на Есма додека беше жива, а со исто темпо продолжуваат и сега, вели Симеон.
По смртта на кралицата се крена прашина околу нејзиното наследство, музејот и песните. Во тестамент Есма песните ги остави на Симеон, но нејзините внуци сето тоа го оспоруваат.
-Во врска со нследството сеуште трае судски процес. Тие оспоруваат се, но ние си продолжуваме со нашата професионална задача. Нашата цел е да продолжиме таму каде што застана нашата мајка, вели Симеон.