При крајот на јануари Meizu претстави интересен концепт телефон кој нема ниту физички копчиња, нема влез за SIM картичка, ниту пак отвори за звучници, приклучок за полнење или излез за слушалки.

Еден од иновативните уреди кои што беа претставени во последните неколку месеци беше Meizu Zero, паметен телефон кој од останатите телефони се разликува по тоа што е без физички копчиња и приклучоци. Токму ова е причината зошто овој телефон доаѓа со името Zero.

Според останатите карактеристики, Meizu Zero е телефон од повисоката класа. Тој има 5,99 инчен AMOLED екран, работи на Snapdragon 845 и има 20 мегапикселна селфи камера, како и двојна задна камера со 12 и 20 мегапиксели.  

Некои го прогласија за „телефон на иднината“, со оглед на тоа што и останатите производители тежнеат да ги направат своите телефони бежични, односно се воведува бежично полнење, бежични слушалки и слично. Сепак, се чини дека корисниците не се подготвени за таква „иднина“, барем засега.

Meizu кон крајот на јануари стартуваше crowdsourcing кампања на Indiegogo, чија што цел беше да се соберат 100 илјади долари со продажба на два вакви телефони. Цената на „ексклузивниот инженерски модел“ изнесуваше 1299 долари, додека „ексклузивниот пионерски модел“ чинеше 2999 долари.

Кампањата заврши со неуспех, затоа што од планираните 100 илјади долари, Meizu успеа да собере нешто помалку од половина. Вкупно кампањата и „телефонот на иднината“ го поддржале само 29 луѓе, што и не зачудува со оглед на тоа што денес со тие пари можат да се купат најдобрите телефони достапни на пазарот.

Извршниот директор на Meizu, Џек Вонг изјави дека неговата компанија секако не планирале масовно да го произведуваат овој уред и истакна дека ова повеќе било развоен проект на одделот за истражување и развој.

Неуспехот на кампањата не значи дека не би била произведена мала количина телефони за да биде испорачана на поддржувачите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here