Средношколецот Александар Стојчески од Струга освои бронзен медал на Светската олимпијада за геонауки што се одржа во Тајланд.
Неговиот ментор, проф д-р Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет од Скопје, на својот фејсбук-профил ја објави веста.
– Прво учество на Македонија на Светската олимпијада за геонауки и прв бронзен медал за нашата држава за Александар Стојчески од Струга. Сето тоа во огромна конкуренција на 150 натпреварувачи од 40 држави од сите 5 континенти (вклучувајќи ги Кина, Јапонија, САД, Австралија, Франција, Италија, Германија, Русија, Кореја, Индија, Индонезија, Мјанмар, Аргентина, Бразил, Шпанија, Португалија, Финска, Чешка, Филипини, Пакистан, Израел, Турција, Малави, Хаити, Тајван).

Ова е 12-тото издание на Светската олимпијада за геонауки, која годинава се одржа на кампусот на Универзитетот „Махидол“ во Тајланд.
Професорот Милевски изјави дека сами го финансирале учеството на олимпијадата и попладнево гордо ќе учествуваат на завршната церемонија.
– Како ментор на Александар и Венеса, задоволен сум од нивниот настап, резултати, активности, воспоставени контакти, примерно однесување и им посакувам да имаат уште поголеми успеси понатаму во животот!

Извор: Факултети.мк, Фејсбук