Град Скопје ги информира граѓаните дека од објавениот Јавен повик (21.04.2018 година) до денеска се поднесени 2.860 барања за субвенции за купување велосипед, што говори за голем интерес на граѓаните за добивање средства за надоместок на дел од трошоците.
Според предвидените финансиски средства за оваа намена во буџетот на Град Скопје, Ве известуваме дека преостануваат средства за уште околу 300 барања.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50% од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
За субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди во буџетот на Град Скопје за 2018 година, се предвидени 10 милиони денари, од кои 9 милиони денари се предвидени за субвенции за велосипеди, додека еден милион денари за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност.
Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.
Повеќе информации може да најдете тука:
НАДОПОЛНЕТО: 07.06.2018
Град Скопје ги информира граѓаните дека целосно се исцрпени средствата предвидени за субвенции за купување велосипед, односно до крајот на вчерашниот ден се пристигнати 3131 барања.
Извор: Град Скопје