Поп и рок-пејачот Влатко Илиевски почина синоќа на 33 години од засега непознати причини.

Поп и рок-пејачот Влатко Илиевски почина синоќа на 33 години од засега непознати причини. Илиевски е роден на 2 јули 1985 година во Скопје.

На музичката сцена беше активен од 2000 година. Свирел гитара во локални скопски бендови, членувал во бендот „Мејд ин Маседониа“, а потоа стана познат како вокал на групата „Морал“ која во 2005 година настапи како предгрупа на концертот на „Дип парпл“ во Скопје.

Од 2007 година почна солистичка кариера и имаше два албума со вкупно 20 песни, меѓу кои: „Најбогат на свет“, „Уште си ми ти“, „Со други зборови“, „Гушни ме“, „Скитник“, „Среќа“,  „Пред да те знам“, „Се што сакав по тебе“, „Пак на старо“…

Во 2011 година ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Дизелдорф со песната „Русинка“.

Илиевски беше дипломиран актер со завршени студии на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Според првичните информации, кај починатиот поп-пејач Влатко Илиевски не биле видливи траги на насилство, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.
Дежурен јавен обвинител од ОЈО работи на расветлување на причините за смртта на Илиевски.
Како што претходно објави МВР, неговото безживотно тело било пронајдено синоќа во 23 часот во автомобил „тојота“ на улицата „Трета македонска бригада“ во Скопје.

Јавниот обвинител издал наредба за обдукција на починатиот, како и насоки за прибирање траги пронајдени на лице место на кои ќе претстои вештачење.

– Возилото е запечатено и, исто така, е предадено на вештачење. Се преземаат сите дејствија за да се утврдат причините за смртта, наведува ОЈО во соопштението.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here