“За Велигден” е најновата песна на Ѓоко Јовиќ, за која што сними и спот во соработка со ИН Продукција. Како што вели Ѓоко при интервјуто, снимањето помина во одлична атмосфера, а интересно е тоа што во видеото за првпат се појавува и неговото семејство.
Ѓоко Јовиќ, кој важи за еден од надобрите вокали во земјава и пошироко подготви уште една песна на која што никој нема да остане рамнодушен. Песната носи наслов “За Велигден”, а за истата вчера излезе и спотот.
-Снимањето помина возбудливо како и секојпат, со убави емоции и на природен начин. Со оглед на тоа што и моето семејство е вметнато во овој спот, се потрудивме со сите наши емоции и добри мисли за овој спот да излезе во најдобар ред и се надевам дека на публиката ќе и се допадне.-истакна Ѓоко при интервју за ИН ТВ.
Овој спот ќе биде малку поразличен од останатите, пред се поради тоа што во видеото се појавуваат неговите три дечиња Теодора, Михаил и најмалиот Јоан, како и неговата прекрасна сопруга Ивана, кои доста добро и природно си ја одиграа својата улога. Снимањето се одвиваше во домот на Ѓоко и Ивана, како и во домот на нивната баба која истотака е дел од ова видео.
-Мене ми беше доста возбудливо, воедно и многу природно затоа што беше во наши секојдневни услови, не морав да глумам. Тоа е нешто што секој ден ни се случува и беше навистина интересно.-вели Ивана, неговата сопруга.
Како автор на музиката за песната “За Велигден” се појавува самиот Ѓоко, текстот е дело на Александар Стефановски, а за аранжманот се погрижи Дамир Имери. Ѓоко во интервју раскажа како дошла идејата за снимање на оваа песна.
-Ова се моменти кои што не секогаш извираат. Мојот другар Александар ми се јави и ми вели…”Ѓоко јас имам еден прекрасен текст кој што навистина само тебе те пронаоѓа.” Тоа беше можеби 12 часот по полноќ и јас во моментот кога го прочитав текстот станав, ја искомпонирав и сабајлето до 5-6 часот песната веќе беше готова.-открива Јовиќ, за естрадниот магазин Естрада плус.
Неговите очекувања се дека песната ќе биде доста добро прифатена и верува дека ќе и се допадне на пошироката јавност, бидејќи како што вели, во неа има посебна тежина и вистина.
Извор: ИН ТВ Радио Кавадарци Естрада плус