Со забава на отворено во дворот на Владата утре ќе биде прославен Денот на независноста – 8 Септември.
Како што соопшти владината прес-служба, утревечер со почеток во 18 часот најмладите со нивните семејства ќе се забавуваат со програмата што за нив ја подготвува Петко и 5+ Бенд.
Забавно-музичкиот дел за возрасните ќе го отвори Огнен Узуновски – Оги со диџеј сет кој ќе почне во 19 часот.
Програмата под отворено небо, во дворот на Владата, потоа ќе продолжи со музиката на оркестарот на Македонската филхармонија, заедно со Тамара и Тијана, кои ќе ги изведат најубавите македонски евергрини, со почеток во 19:30 часот.
Во 20:35 часот ќе настапат Македонската филхармонија и маестро Џијан Емин со проектот „Оригинатор“ на продуцентот на електронска музика, Хуан Аткинс. Во завршницата на музичката програма вечерта ќе настапи и познатиот домашен диџеј Феки Фарис.
На прославата по повод Денот на независноста ќе се обрати и премиерот Зоран Заев.
На Денот на независноста во посета на Македонија доаѓа германската канцеларка Ангела Маркел.
Агендата за посетата Меркел се уште не е прецизирана, но нејзиното совпаѓање со македонскиот државен празник 8 Септември само по себе зборува за симболиката, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Денес, во посета на Македонија е австрискиот канцелар Себастијан Курц.