Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески, денеска во изјава за медиумите кажа дека остварил средба со претставниците на менаџментот на „Тинекс“ и „Квинс хотел“, кои стопанисуваа со комлексот „Македонско село“. Тие пред него го повториле ставот дека еднострано го раскинуваат Договорот за комплексот бидејќи работењето било исклучиво со загуба.

„Претставниците на менаџментот ме известија дека се свесни за правните обврски кои произлегуваат од Договорот, а тоа подразбира активирање на Гаранцијата за квалитетно извршување на Договорот во износ од 2.690.409 денари, односно околу 43.000 евра и подмирување на киријата за следните 6 месеци“, рече Мирчески.

Тој нагласи дека комплексот „Македонско село“ е инвестиција на Република Македонија, односно проект донесен од претходната Влада со потпис на екс-премиерот, Никола Груевски.  При тоа, како што рече, од парите на граѓаните за оваа инвестиција биле издвоени 6.5 милиони евра, со цел комплексот да биде ставен во функција.

„Ако се има предвид дека месечната кирија за комплексот изнесувала 3.500 евра и дека во овој момент се испоставува дека истата е неодржлива и дека комплексот работел со загуба, преку едноставна пресметка може да се заклучи дека државата и граѓаните ќе си ги повратат вложените средства, после 150 години. Не сакаме да навлегуваме во тоа што сè би можело да се изгради или направи за интересите на граѓаните со овие 6.500.000 евра“, додаде Мирчески.

Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија најави дека на следната седница на Владата ќе достави информација за целосната постапка која произлегува од ново-настанатата состојба. Понатаму Владата  ќе донесе одлука за натамошно постапување.

Извор: Влада на РМ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here