ГТЦ во Скопје доби зелен покрив, раководството на гтц ќе одлучи дали ќе има кафуле.

Зелениот покрив на Градскиот трговски центар (ГТЦ) од денеска е отворен за посетители. Граѓаните на Скопје ќе можат да уживаат во убавините на зелениот покрив на овој објект со вкупна површина од 1.800 квадратни метри .

Град Скопје заедно со УНДП и ГТЦ заврши со уредување со зеленило на просторот а денес на свеченото отварање присувствуваа, градоначалникот Петре Шилегов, Нарине Сахакјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева,Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар и Ѓоко Трајчевски, Директор на ГТЦ.

Покривот на ГТЦ кој до лани беше речиси неискористен сега стана атрактивен простор со зелена површина за одмор, рекреација и културно-забавен живот за сите посетители.

Согласно со проектот, на површина од 1800 квадратни метри засадени се повеќе од 20 висококвалитетни дрвја и над 30 други видови садници од категориите на средно и ниско зеленило.

Поставени се неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, амфитеатрални скали, партерно шаховско поле и модерна урбана опрема согласно со потребите на посетителите.

„Го враќаме зеленилото во Малиот ринг, кое во лудилото на Скопје 2014 беше уништено. Обврската за одржување сега преминува кон ГТЦ, но нема да оставиме комоција на ГТЦ да не го одржува овој зелен простор.

Моето мислење е дека можеме да имаме некаква услужна дејност на самиот покрив, која ќе овозможи задоволство повеќе на граѓаните. Но, да оставиме граѓаните таа работа да го одлучат.

Управувањето со нов евентуален деловен простор е работа на ГТЦ. Ако раководството на ГТЦ одлучи да постави таков тип на дополнителна вредност на овој покрив тоа ќе биде нивна проблематика во рамките на нивно деловно работење.

Важно е што е во Малиот ринг добивме прекрасна зелена оаза во која граѓаните ќе можат да го поминуваат слободното време“, рече градоначалникот Шилегов на отворањето на зелениот покрив.

Извор: Град Скопје, сдк.мк

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here